Настани 1931 - 1940 година
1931 година
Формирање на „Дописништво“
Постапно, но сигурно
јакнеело синдикалното движење во Битола. Биле формирани, по примерот на графичките
работници, синдикални подружници на чевларските, шивачките, ѕидарските и некои
други работници. Класно поиздигнати графичките работници по упорна борба успеале
да издејствуваат свое „Дописништво“ кое пак со упорна борба прераснало во „Поверенство“.
Тоа ги обединувало 12-те синдикални подружници во градот.
1931 година
Демонстрации по битолските улици
„Поверенството“
на синдикалните подружници од Битола пројавило голема активност меѓу работниците,
како на културно, така и на политичко поле. Една од покрупните акции му била
организирањето на околу 500 незапослени работници, кои со паролата „Бараме работа
и леб“ демонстративно минале низ улиците на градот.Тие го принудиле потпретседателот
на Општината да им вети настојување, разбирање и размислување за нивните проблеми.
Работништвото од ден на ден станувало важен фактор во градот.
1933 година
Формирање работничко друштво „Коста Абрашевиќ“
Засилената работничка
свест за припадноста на една посебна класа, како и синдикалното движење во градот,
во1933 година, резултирало со формирање на битолска секција на белградската
УРУГ (Уједињена радничка уметничка група) „Коста Абршевиќ“. Во прво време, бил
формиран хор со околу 90 члена, а подоцна друштвото ја негувало и драмската
уметност со група од 7 члена. Друштвото допринесло во развивањето на класната
свест кај битолските работници преку културно-уметничко движење, т.е. приближување
на прогресивната идеологија до работниот народ.
1934 година
Формирање на доброволно противпожарно друштво
Сфаќајќи ја потребата
од Доброволно противпожарно друштво, неколкумина во градот превзеле иницијатива
за да формираат такво, т.е. да го возобноват она што во времето на владеењето
на Турција веќе постоело. Такво доброволно противпожарно друштво било формирано
во 1934 година, чиј прв претседател бил Р. Вујовиќ. Благодарение на иницијативниот
одбор и претседателот Вујовиќ ДПД набрзо зачленило околу 40 активни и доброволни
пожарникари, поделени во два вода.
1936 година
Програма на УРУГ „Коста Абрашевиќ“ по повод Денот на жената
Работничкото друштво
„Коста Абрашевиќ“ верно на своите класни определенија, во 1941 година, реши
да подготви програма која би била изведена на 8 Март. Така, за прв пат била
изведена таква програма во Театарот, каде бил читан и реферат по повод Меѓународниот
ден на жената, на тема „Улогата на жената трудбеник во современото работничко
движење“. Покрај другото, во рефератот станало збор и за борбата на шпанскиот
народ што било доволно да се изрази целата омраза од страна на оние големосрпски
угнетувачки кругови кои не го трпеле ова работничко друштво.
1936 година
Штрајкови на дрводелските и графичките работници
Во 1936 година,
во Битола, работниците, во барање на своите права, три пати штрајкувале, и тоа:
- прво, дрводелските
работници во една работилница (калфи и чираци), кои барале наместо 12 часовно,
10 часовно работно време, во што и успеале;
-второ, пак дрводелските
работници во друга работилница, но со исти барања. И овој штрајк успеал;
-трето, графичките
работници во печатницата на Илија Иванов со барање- зголемување на надниците,
во што успеале.
Септември 1936
година
Учитествувањето и политичката активност на Тодор Ангелевски во село Ѓавато
Во учебната 1936/37
година во село Ѓавато, за учител бил назначен Тодор Анелевски од село Лавци,
кого селаните популарно го викале Тошо Даскало. Тој заедно со учителите што
учителствувале во овој крај, Борис Стрезовски, Пенко Здравковски, Драгољуб Митровиќ
и Илија Јанкуловски наишле на поволна клима, т.е. доста прогресивни селани за
плодна политичка работа. Тошо во Ѓавато станал особено близок со Трајан Белев
и Јонче Мурџевски.
Учебна 1936/37
година
Формирање на марксистички групи во битолската Гимназија
Битолските ученици-
гимназисти во својата вонучилишна работа делувале преку училишните организации
и дружини. Меѓутоа, во гимназијата истовремено биле создадени групи од напредни
ученици кои низ сите легални форми на работа во училиштето делувале прогресивно.
Нивната активност станала поорганизирана од 1936/37 година, кога Борка Талески
групите ги формирал по класови. Тие групи работеле илегално со проучување на
марксистичка и друга прогресивна литература, држеле илегални состаноци и библиотека,
истапувале против фашизмот и секогаш идејно биле на позициите на КПЈ зошто биле
раководени од СКОЈ.
1937 година
Саботирањето на изборите во село Ѓавато
На општинските избори
во 1937 година, селската прогресивна струја, благодарение на политичката активност
на Тошо Даскало и Трајан Белев, од стихијна опозиција станала поорганизирана
политичка сила. Кога прогресивните селани од Ѓавато сфатиле дека власта сака
да им наметне свој кандидат, една организирана група на чело со Тошо Чаталов,
Сотир Бубев, Томе Бендев и Тодор Чаталовски дошле на гласачкото место и ги искинале
гласачките списоци. Набрзо, некои уште истата вечер, а некои другиот ден, врзани
со синџири ги спровеле пеш до Битола. Истите биле условно казнети.
Учебна 1937/38
година
Предавање за шпанската граѓанска војна
Напредните ученици
од битолската гимназија, во учебната 1937/38 година, покрај другите одржале
и еден поширок состанок на кого присуствувале членови од повеќе гимназии (класни
групи).Состанокот се одржал зад германските гробишта, а на него учествувале:
Коле Чашуле, Стеван Наумов, Владо Малевски, Киро Хаџи Василев, Виктор Пардо,
Алексо Мусалевски, Сарина Песо, Цане Светија, Мито Хаџи Василев, Атанас Атанасовски,
Доне Илиевски, Костантин Поповски, Зоре Поповски идруги. На состанокот, Борка
Талевски зборувал за Шпанската граѓанска војна, а истовремено ги запознал присутните
со учеството на југословенските борци против фашизмот во Шпанија.
17 Август 1938
година
Штрајкови на битолските текстилни работници
Во текстилната фабрика
АД - Битола УРСС-овите синдикати раководеле со еден од најголемите штрајкови
кој отпочнал на 17 Август 1938 година. Штрајкот бил организиран со цел зголемување
на работничките надници. По 45-50 дневно штрајкување фабриката одново заработила
кога сопствениците донесле неквалификувани работници и штрајкбрекери.
Во 1938 година, штрајкувале и работниците во претпријатијата за шеќерни производи,
барајќи пократко работно време, зошто работеле по 12 часови на ден.
1938 година
Митинг на битолските работници
Работничката класа
во Битола постигнала голем успех кога неговото „Поверенство“ пред својата зграда
организирало најмасовен митинг во градот. На закажаното време се собрале околу
10 000 работници и други граѓани на „Житни Пазар“ каде се наоѓало „Поверенството“.
Тука зборувал синдикалнио функционер М. Белиќ кој во говорот покрај другото
рекол дека симболот на работништвото- црвеното знаме- ќе се развее во скора
иднина. Акламациите и аплаузите биле бурни. Митингот завршил со песната „Напред
работници“, испеана од работничкиот хор „Коста Абрашевиќ“.
1938 година
Формирање на набавно-продајна задруга во Ѓавато
Работата на Трајан
Белев и Тошо Даскалот и други прогресивни учители меѓу многубројните бедни и
средни селани во Ѓавато вродила со плод кога во 1938 година успеале да им се
спротистават на приватниците- бакали со тоа што била формирана набавно-продајна
задруга. Задругата во исто време служела како форма за прибирање на селаните
и вршење на прогресивно влијание врз истите. Било купено радио на батерии и
формирана библиотека со претежно прогресивна литература.
Управата на задругата ја сочинувале: Коле Бендев- Ѓаваштанец, претседател и
Илија Јанкулов- учител, книговодител, Методија Мацанов, Ѓаваштанец, работник,
магационер.
1938 година
Штрајк на млинските работнициво Кажани
На самиот пат меѓу
Битола и Ресен, во село Кажани се наоѓал млин во кого работеле седум работници
под неповолни услови за работа, без социјално осигурување и мала надница. Работниците,
поучени од Драги Тозија се зачлениле во ЈРС-овите синдикати. Кога работниците
побарале нивниот раководител да склучи со нив работен договор, тој откажал.
Тоа било повод работниците да стапат во штрајк, кој траел 20 дена. Штрајкот
успеал. Надниците од 8 динари на ден им биле зголемини на 20 динари, а работниците
добиле и социјално осиурување.
Јануари 1939 година
Формирање на Местен Комитет на КПЈ
Првиот Местен Комитет
нс КПЈ во Битола бил формиран во 1939 година, кога неколку битолски комунисти
одржале состанок на брдото близу градот, т.е. на Тумбе Кафе. На овој состанок
за секретар бил избран Јосиф Христовски- Ѕвончаро, кој во Битола бил штотуку
вратен од Белград. Негови членови биле: Велев Ѓорѓи, чевлар, Тасевски Јордан,
Богоја Фотев, земјоделец, Коста Талев-правник, Јосиф Христовски-Ѕвончаро, студент,
Тренев Ордан, бакал.
Основна задача на членовите на МК на КПЈ за Битола и околијата била секој член
да формира по една партиска келија.
29 Ноември 1939
година
Рациновите „Бели Мугри“ за првпат во Битола
Познатите Рацинови
„Бели Мугри“ биле печатени во Самобор, близу Загреб. За печатењето биле иницијатори
членовите на КПЈ од Македонија и финансирани од полуилегалните студентски друштва
„Вардар“ во Белград и Загреб. „Бели Мугри“ биле пренесени од Самобор во Белград,
а од Белград Кузман Јосифовски и Борис Ќоропанов дел однив пренесле во Македонија.
Додека Кузман Јосифовски останал во Скопје, Ќоропанов со еден мал куфер со илегални
мтеријали и 10 примероци од „Бели Мугри“ ги донел во Битола. Во Битола 5 примероци
„Бели Мугри“ заедно со останатиот илегален материјал му биле предаденина секретарот
на МК на КПЈ-Битола, Јосиф Христовски-Ѕвончаро.
1939 година
Штрајк на работниците од мелницата „Драгор“
Благодарение на
свесните работници- комунисти на чело со Киро Димитровски-Дандаро, во мелницата
„Драгор“, сопственост на Тасиќ, се отпочнала агитација за добивање на основни
права на работниците. Набргу се решиле за штрајк кој тајно го помагала и Партијата
во градот. По долгите настојувања и заплашувања седумдневниот штрајк завршил
кога било признато осум часовно работно време и зголемени работни надници.
1939 година
Петиција од Битолските жени за општо право на глас
Месниот комитет
на КПЈ за Битола и околината организирал акција за собирање на потписи од жените
за петицијата со која се барало жените од Југославија да имаат право на глас.
Акцијата вродила со плод. Околу 2000 жени од Битола ги дадоа своите потписи
врз петицијата.
7 Јануари 1940
година
„Печалбари“ на сцената во Битола од младите Лавчани
Долго подготвуваната
програма од страна на младинците од село Лавци, во кое им помагале и студентите
од Битола, ја отвориле а 7 Јануари 1940 година. Имено, на споменатиот ден, пред
преполната сала на Соколаната (фискултурниот дом) настапија лавчани со убави
точки. Покрај другото, била изведена и битовата драма „Печалбари“. Покрај битолчани,
претставата ја следеле и селани од други соседни села. Како последна точка од
програмата, без знаење на власта, лавчанските младинци ја испеале песната „Хеј
засуците рукаве, Створиќемо новога човека...“
Топло и срдечно биле поздравени младинците од село Лавци, чија културно-просветна
дејност била осмислено спроведувана од прогресивните студенти членови на КПЈ.
Почеток на 1940
година
Формирање на прва илегална печатница
Првата организирана
„партиска техника“ (илегална печатница) во Битола се појавила уште во 1940 година,
кога Партијата почнала да се омасовува, да ги прибира и организира најборбените
луѓе и кога станала политички фактор во градот и околината. Партиската техника
ја оформил тогашниот секретар на МК на КПЈ за Битола, Киро Димитровски- Дандаро.
Техниката располагала со една машина и една преса и била сместена во станот
на Киро Димитровски. Биле печатени летоци, особено за време на штрајковите,
размножувани материјали и сл. Во јули 1940 година поради невнимателно растурање
на летоци дошло до провала. Киро бил уапсен, а и техниката паднала во рацете
на полицијата.
Рана пролет, 1940
година
Членови на ЦК на КПЈ во Битола
Во раната пролет
на 1940 година, во Битола пристигнале членовите на КПЈ Светозар Вукмановиќ и
Сретен Жујовиќ. Тие дошле во Битола во својство на инструктори на ЦК на КПЈ
и во станот на Ристо Манев одржале состанок со МК. На состанокот, покрај другото,
ја истакнале важноста од омасововување на Партијата и нејзиното проширување
во градот и околината. Констатацијата на инструкторите, според добиените извештаи
од МК, била дека дејноста на Партијата не се чувствувала во Битола и битолско
и дека тоа ќе го пренесат до ПК на КПЈ за Македонија.
Пролетта, 1940
година
Штрајк на чевларските работници
Чевларските работници
во еден приватен дуќан (Зисовиќ), 34 на број, раководени од Стерјо Ѓорѓиев и
Лазо Хаџи Поповски побарале намалување на работното време и зголемување на надниците.
Поради пројавена колебливост кај еден дел работници, штрајкот не успеал.
Февруари 1940 година
Формирање на нов Местен Комитет
Орце Николов во
својство на делегат на ПК на КПЈ за Македонија во февруари1940 година ја посетил
Битола, каде илегално свикал состанок на МК-Битола, во куќата на Ѓорѓи Белев.
На состанокот Орце Николов им ја соопштил одлуката на ПК на КПЈ за Македонија,
т.е. дека дотогашниот Местен Комитет се распушта.
После некој ден, истиот месец, Орце Николов формирал нов Местен Комитет со состав:
Димитровски Киро-Дандаро, секретар, Светиевски Цане, Христовски Јосиф, Филиповски
Пецо и Фотев Богоја, членови.
Март 1940 година
Формирање на партиска келија во Ѓавато
Разгранетата дејност
на МК на КПЈ-Битола се почувствувала и во село Ѓавато. Тука, членот на МК-Богоја
Фотев од село Бистрица формирал партиска келија во Ѓавато, од три члена:
Тодор Ангелевски (Тошо Даскало)- секретар и членовите Трајан Белев- работник
и Илија Јанкуловски- учител во Ѓавато.
Набрзо партиската келија знатно се проширила.
Јуни 1940 година
Формирање на реонски комитети
Новиот МК на КПЈ
за Битола и околијата послемошне успешната работа во битолските села, на еден
свој состанок во јуни 1940 година донел решение да формира Реонски Комитети.
Такви биле три- I, II и III реон, кој најмногу гравитирал кон село Лавци и Битола.
Секретарите на реонските комитети се менувале според потребата.
Јули 1940 година
Апсење на членови на МК
Чувствувајќи дека
КПЈ иако илегална се повеќе ги добива симпатиите на населението на Битола и
околијата, власта се стремела да и нанесе сериозен удар на Партијата. Користејќи
ја недоволната будност на МК, власта успеала да уапси поголем дел од неговото
членство, како и други истакнати комунисти. После изведување на суд, власта
гииспратила на издржување на казна во Сремска Митровица, а нешто подоцна други
комунисти интернирала во концентрационен логор во Ивањица-Меѓуречје. Есента,
Партијата се совзела од големиот удар и ја возобновила својата политичка работа.
Август 1940 година
Омсовување на партиската келија во село Ѓавато и ревизија од ПК на Македонија
Првобитната партиска
келија во Ѓавато составена од три члена во месец август броела единаесет членови.Тоа
биле:
- Трајан Белев- секретар
- Тодор Ангелевски (Тошо Даскало)
- Илија Јанкулоски
- Коле Бендев
- Крсте Илиев
- Димитрија Филипов
- Методија Мацанов
- Тодор Чаталовски
- Митре Чаталовски
- Ташко Чаталовски
- Сотир Бубев.
Неколку месеци подоцна на ревизија дошол Перо Јовановски-Тиквар, а есента секретарот
на ПК за Македонија Блажо Орландиќ.
Врските на ѓаватската партиск келија биле со Битола и Ресен.
Летото, 1940 година
Р астурање на летоци во кругот на касарната од 46 полк во Битола
Вториот реонски
комитет на МК-КПЈ-Битола во илегалната партиска техника напечатил неколку стотици
летоци. Нивната содржина била уперена против воените вежби и воопшто против
војната, за сојуз со СССР, слобода, мир и слично. Овие летоци биле растурени
во кругот на 46 полк во Битола од страна на вежбарите- комунисти. Исто така,
меѓу вежбарите во споменатиот полк членовите на КПЈ, Нешковски Петре- Пјер,
Новачевски Петре, Трпеновски Ристе, Трпеновски Блажо и Фотев Перо со помош на
други организирале јавен истап против раководниот кадар при кое дошло до тепање
на офицерите и подофицерите. По настанот, некои биле затворени, а моралната
победа била на страната на вежбарите.
Летото, 1940 година
Доаѓање на инструктори на ЦК во Битола и Бистрица
Во раното лето на
1940 година во Битола повторно дошле инструкторите на ЦК на КПЈ. Во Битола тие
присуствувале на два состаноци и на еден на село. Првиот состанок со МК и членовите
на КПЈ бил одржан во станот на Борис Николовски, а вториот во партиската келија
на чевларските работници.Другиот ден инструкторите заминале за село Бистрица,
каде одржале состанок со селската партиска келија.
Воопшто на сите три состаноци биле изнесувани практично потребни познавања за
секој комунист во неговата работа како со луѓето, така и односот и држењето
спрема власта.
Летото, 1940 година
Формирање на нов МК
По кусиот престој
на Светозар Вукмановиќ и Сретан Жујовиќ, во Битола пристигнал претставникот
на ПК на КПЈ за Македонија, Орце Николов. Веднаш по пристигнувањето Орце свикал
состанок на МК во станот на Ѓорѓи Велев. На состанокот им го соопштил решението
на ПК за сменувањето на МК на КПЈ за Битола и околијата, при што истакнал дека
тоа решение било сообразено со повисоките и општи интереси на Партијата.
По одржувањето на состанокот Орце Николов заминал за село Бистрица каде во станот
на Богоја Фотев бил формиран нов МК. Во него влегле следните лица:
- Димитровски
Киро- Дандаро,
- Светиев Цане,
- Филиповски
Пецо,
- Фотев Богоја
и
- Христовски
Јосиф- Ѕвончаро.
За секретар
на новооформениот МК бил избран Димитровски Киро- Дандаро.
Септември 1940
година
Обновување на МК на КПЈ
По затворањето на
МК и осудувањето на повеќето негови членови, дејноста на членовите на КПЈ за
извесно време спласнала. ПК на КПЈ за Македонија веднаш презел мерки за фомирањето
на нов МК. За таа цел во Битола пристигнал Перо Ивановски-Тиквар кој бил ополномоштен
да го формира новиот МК. Состанокот бил одржан во станот на Крум Хололчев. Во
новиот МК влегле следните членови на КПЈ и тоа:
- Бојчевски Ставре-работник
- Деловски Кузман-работник
- Наумов Стеван-Стив-студент
- Тодоровски Никола-правник и
- Хололчев Крум-инженер.
За секретар на МК
бил избран Стеван Наумов-Стив.
Септември 1940
година
Нов местен комитет на КПЈ
После паѓањето на
поголемиот дел од членовите на МК во рацете на полицијата и нивното осудување
на долгогодична робија, как и интернирање на активни комунисти, во септември
1940 година партиската организација се совзела од ударот на боржуаската власт
и формирала нов МК во чиј состав влегле:Стеван Наумов- Стив секратар и членови:
Ставре Бојчевски- чевларски работник,
Кузман Деловски- дограмаџија, Никола Тодоровски-Канински-правник, Крум Хололчев-инженер
и Доде Христовски-монополски работник.
5 Ноември 1940
година
Бомбардирање на Битола
Фашистичка Италија
војуваше против Грција, но без успех. Таа извршила и една провокација спрема
Југославија. Во два налета, беше пазарен ден, на 5 Ноември, три италијански
авиони извршија подмолно бомбардирање на Битола. Бившата југословенска војска,
неспремна за одбрана, не го спречи бомбардирањето во нивната акција. Градот
претрпе материјална штета. Беа изрушени или оштетени станбени згради, а 21 лице
загинаа.
20 Ноември 1940
година
Отстранување на учениците Евреи од битолската гимназија
Битолската гимназија
како и другите училишта во Југославија ја применила Уредбата издадена од Министерскиот
совет потпишана од нејзиниот претседател Драгиша Ј. Цветковиќ, потпретседателот
д-р Влатко Мачек и другите министри. Имено, согласно Уредбата приличниот број
на ученици со еврејско потекло, што се школувале во гимназијата, биле отстранети
од училиштто како „вишок“ во сразмерот на оние од другата народност. Тоа станало
по одржаната сеница на Наставничкиот совет на гимназијата кој бил одржан на
12.11.1940 година.
1940 година
Формирање на Работнички дом
Месниот меѓуструков
синдикален одбор на УРССЈ во Битола успеал да организира Работнички дом. Работничкиотдом
оформил библиотека со читална, го омасовил работничкио хор, ги помагал загрозените
работнички семејства со средства добиени од културно-забавните приредби исл.
Работничкиот дом бил затворен со забранувањето на дејноста на УРССЈ.
|