Сојуз на борци од НОАВМ - Битола
 

Настани 1943 година

1 Јануари 1943 година
Соработка на одредот „Даме Груев“ со КП Албанија

Кон крајот на 1942 година положбата на одредот „Даме Груев“ била мошне очајна. Неговите борци разделени во помали групи, поради невремето не дејствувале. Еден од партизаните, имено, Круме Димитровски- Мичо, со фалсификувана лична карта на име Мичо Сотири се префрлил во Албанија, каде се поврзал со Обласниот комитет во Корча. Нив им ја изнесол положбата на одредот. По извесно време уследил уште една средба меѓу претставници на Одредот-политички комесар Јосиф Јософовски-Свештаро и претставници на ОК на КПА во Корча. Било решено Одредот да престојува зимата во македонските села што биле во границите на Албанија. До групите на Одредот „Даме Груев“ биле испратени писма во кои се укажувало дека зборно место е селото Глобочани. Поголемиот дел од борците на Одредот Новата 1943 година ја дочекале во Глобочица. Наскоро Одредот се комплетирал и започнал да делува на албанска територија, повеќето пропагандно. Биле одржувани митинзи во селата Цер, Леска, Зрновци и сл.


Крај на Јануари 1943 година
Одредот „Даме Груев“ во Егејска Македонија

Партизаните од битолските одреди имале голем радиус на движење, политички и воени акции. Одредот „Даме Груев“ , кој по комплетирањето агитационо дејствувал на албанска територија, требало да мине на територијата на Егејска Македонија. За таа цел, селаните од село Коњско со чунови ги префрлиле борците во селото Живици. По извршената задача Одредот повторно се вратил во Коњско.
Иако со примитивни средства, сепак префрлањето на комплетна партизанска единица со чунови претставува значаен момент од војувањето на македонските партизани воопшто.


Почеток на 1943 година
Формирање на втора оперативна зона

За да се засилат борбените дејствија на партизанските единици во Македонија, на почетокот на 1943 година бил реорганизиран Главниот штаб на Македонија, а исто така била извршена и реорганизација во раководството на партизанските одреди. Така вардарскиот дел на Македонија бил поделен на пет оперативни зони. Втората оперативна зона била Битолската која освен Битола и битолско ги опфаќала териториите Демир Хисар, Охридско, Ресенско, Струшко, Крушевско, па се до Дебар и Кичево.


Јануари-Февруари 1943 година
Четата „Јане Сандански“ во Егејска Македонија

Окружниот комитет на КПЈ- Битола пројавил прилично голема активност во смисла давање на инструкции за поврзување на четата „Јане Сандански“ со партизанското движење во Егејска Македонија, учество во заедничките акции против германските, грчките и бугарските фашисти, како и начинот на дејствување на територијата под италијанска окупација. Затоа четата „Јане Сандански“ и нејзиниот политички комесар. Ванчо Прке-Сермен добиле на повеќе пати писмени напатствија во месец февруари (5, 6, 10, 12, 13, 16.II. 1943 година) како од Окружниот комитет Битола така и од Главниот штаб на НОБ и ПОМ.


17 Февруари 1943 година
Формирање на читалиште во село Лавци

Бугарските просветни органи со цел да го денационализираат населението, насекаде во македонските градови и села формирале читалишта .Така и во село Лавци на 17.II.1943 година било отворено читалиште со име „Просвета“. За да ја спречи работата на читалиштето, Тодор Ангелевски-Даскало на прогресивните лица од селото им препорачал да влезат во управата на читалиштето, кои контактирале со членовите на КПЈ и биле гаранција за натомашна соработка со нив. Така и станало.Лицата што биле во управата на чело со Ставре Костадиновски работата на читалиштето онака како што сакала окупационата власт ја саботирале. Резултат на тоа бил книжен фонд од 26 книги. Бројот на членовите изнесувал 39 за да се покачи на 59. Но зголемувањето било фиктивно, т.е. членовите биле само на список, а да тие не знаеле за нивното „членство“. На Ставре Костадиновски во неговата „работа“ во читлиштето му помагал Ѓорги Бошевски-Боше.


11 Март 1943 година
Трагедијата на битолските Евреи

Собирањето на Евреите од Битола им било доверено на Кирил Стоименов, Ѓерги Џамбазов, Васил Г. Василев и на генералот Маринов. За собирањето на Евреите во Битола инспекторот на бугарската државна сигурност во Битола Васил Г. Василев пред иследните органи изјавил:
„Обласниот началник ме задолжи да изработам план за блокада на Битола. Градот го поделив на 50 мали реони. Потем, заедно со началникот отидовме кај командантот на дивизијата генералот Маринов. Тој исто така беше готов, т.е. имаше определено колку војници ќе учествуваат во блокадата.“
Еврејскиот кварт во Битола бил поделен на 20 дела. За секој дел била формирана група со по еден полициски началник, учител, пет полицајци и пет војници.Сите лица определени за собирање на Евреите во 2 часот биле во зградата на полицајската управа. По 2 часот војската го блокирала градот. Од 5 до 6 часот на сите Евреи им било соопштено на сите да бидат гоови за еден час. Во 7 часот морале да ги напуштат своите станови, при што биле придружени од полицијата. Сите Евреи биле собрани на железничката станица каде им бил извршен претрес, при што им биле земени сите скапоцености. Иако денот бил студен, осумте болни Евреи што лежеле во болницата исто биле донесени и приклучени кон останатите. Тој ден од Битола биле собрани 793 фамилии со вкупно 3551 члена. Со мал исклучок на 5 Април 1943 година во 7 часот последниот транспорт со Евреите од Македонија стигнал до крајната цел- логорот Треблинка, а од 9 до 11 часот истиот ден бил растоварен.


17 Март 1943 година
Одредот „Даме Груев“ во Костурско

Одредот „Даме Груев“ кој се наоѓал на територијата под италијанската окупација-Преспа- на 17.III.1943 година преминал во Егејска Македонија, Костурско. Тука главна задача на Одредот му била борба и разоружување на контрачетите. Во својата акција Одредот успеал да разоружа контрачети во седум села и од нив да заплени околу 130 пушки. Истовремено не била запоставена национално-политичката активност на Одредот. Во населбите, борците биле срдечно примани од македонските селани во Егејска Македонија.


Март-Април 1943 година
Формирање на Областен Комитет во Битола

Одлуката да се формира Областен Комитет на КПЈ во Битола била донесена кон крајот на февруари и почетокот на март. Блаже Талевски-Иван откако ги добил материјалите и конкретните задолженија за да ја спроведе во дело одлуката, во текот на март биле извршени неопходните подготовки.
Во почетокот од април Иван нелегално се префрлил во Битола. Тука во прво време Обласниот комитет го сочинувале следните лица:

  • Политички секретар Блаже Талевски-Иван
  • Лазо Хаџи Поповски
  • Ратка Јовановска
  • Борче Миљовски (набрзо паднал в затвор)
  • Ленче Арсова (повлечена на друг терен)

Во јуни 1943 година Комитетот бил дополнет со Трајче Грујовски, Наум Наумовски-Борче, Пенко Здравковски, а нешто подоцна и Киро Гаврил.


Март 1943 година
Фараџи В. Исак

Исак е роден 1926 година во Битола. Уште како ученик на битолската Гимназија станал член на СКОЈ (1942 година). Поради револуционерна работа бил исклучен од гимназија. Депортацијата, како и неговиот брат Леон, ја избегнал но подоцна бугарската полиција го открила, уапсила а потоа и убила.


7 Април 1943 година
Томе Петревски-Железарчето

Томе Петревски популарно викан Железарчето е роден 1913 година во Битола. По завршувањето на основното училиште, Томе работел како железар. Уште како младинец пред војната, Томе ги беше прифатил прогресивните идеи кои тогаш беа ширени во Битола. Во време на окупацијата Томе Железарчето активно ја помогал НОБ и тоа со самиот нејзин почеток, односно 1941 година. Полицијата го уапсила и го затворила. Во затворот тој бил страшно мачен и злоставуван. По долгите измачувања на 7 Април 1943 година бил убиен во затворот. За да го прикрие злосторството полицијата го фрлила телото на мртвиот Томе низ прозорецот на истражниот затвор сакајќи при тоа да го прикаже убиството како да е чин на самиот Томе, т.е.самоубиство.


10 Април 1943 година
„Даме Груев“ и масовните собири во селата на Егејска Македонија

По успешната акција на Одредот „Даме Груев“ во Костурско, истиот на 10 Април 1943 година се префрлил во Леринско. И тука Одредот извршил неколку вооружени акции. Исто така биле одржани масивни собири на македонските села Буф, Горно и Долно Клештино, Оспирина, Кладоград, Турје, Троје, Горна и Долна Слатица.На митинзите политичките рководители на Одредот истапувале со говори после кое обично настанувале долги братски разговори и веселби меѓу борците и населението.


20 Април 1943 година
Соработка на Одредот „Даме Груев“ со Одредот „Вичо“

Одредот „Даме Груев“ откако минал на територијата на Егејска Македонија воспоставувал врски со Одредот „Вичо“. Со него заедно дејствувале по селата од 20 Април па се до 11 Јуни 1943 година. Во тој кус временски период двата одреди развиле голема блискост, другарство, одржувале заеднички воени и политички часови, дури издале и еден број на заеднички весник кој носел име „Партизан“.Во весникот статиите биле грчки и македонски јазик.
Инаку, одредите си останале како посебни формациски единици под команда на своите штабови, но се додека се вршеле воените акции имале една команда поради подоброто извршување на заедничките акции. Додека биле заедно одредите ги извршувале следните акции: политички митинзи во селата Г. и Долно Клештино, Буф, Опсирино, Кладоради, Ермени, Турије, Троје, Горна и Долна Стапица, Неред, Лаген, Бел Камен, Елево, Горно и Долно Котори, Невеска, Ајтос, Прекопана, Вишани, Црновиште, Поздовиште и други; разоружано седум села што имале контрачети; запленето преку 130 пушки; еден пушкомитралез, неколку пиштоли, бомби и неколку илјади метци; давале скечеви, пееле револуционерни песни, држеле говори за меѓународната политичка ситуација исл.


20 Април 1943 година
Притисок врз родители чии деца се в партизани

Окупаторската фашистичка администрација откако ги употребила сите можни сретства во борба против партизаните, а со тоа не постигнала никаков успех, се обидела тоа да го стори на друг начин, т.е. со влијание на родителите . Во таа смисла Битолската обласна дирекција на 20 Април 1943 година издала наредба со која се барало истите да влијаат на своите деца што биле во партизанските единици да се вратат. При тоа им бил даден рок од десет дена и ветување дека сите невини ќе бидат ослободени и чувани од нивните другари што не се предале, а виновниците ќе биле само праќани во нови местожителства без да им се изрекува казна.
На крајот во наредбатазаканувачки стои дека по истекување на рокот власта ќе дејствува беспоштедно спрема партизаните, а нивните фамилии ќе ги пренесе во други места на живеење.
Сите демагошки ветувања, заканувања како и спроведување на дело на законот не ги поколебало партизаните.


23 Април 1943 година
Петар Атанасов Пупле-Пепи Пупле

Пепи Пупле е од Лерин, Егејска Македонија. Бил ученик и кон НОБ се приклушил доста рано. Како предан борец самопрегорно работел на оживотворување на директивите на КПЈ и СКОЈ. Во редовите на НОВЈ и ПОЈ пристапил во летото 1942 година. Како борец бил примерен, храбар и одлучен. Германските фашисти го убиле во близината на Лерин на 23 Април 1943 година.


13 Мај 1943 година
Нова партиска келија во село Лавци

Селото Лавци во текот на народната револуција било едно од најактивните. Меѓутоа, во првите месеци од 1943 година од скоро сите членови останала само Лена Ташкова. Таа и натаму одржувала партиски контакти со раководството на Партиската организација во Битола и овозможувала во селото престојуваат и работат високи партиски функционери како Кузман Јосифовски-Питу на 26 Април, Блаже Талевски- Иван во мај и други. Бидејќи во лавци постоеле мошне активни симпатизери опфатени во воспитни групи, по дискусијата и разгледувањето на нивната дејност, на Лена Ташкова и било ставена задача да формира нова партиска келија во село Лавци. Таа задача била исполнета на 13 мај 1943 година.


20 Мај 1943 година
Формирање на штабови на Битолскиот и Охридско-Преспанскиот Одред

На Обласниот комитет на КПЈ-Битола како многу важна задача му било во името на Главниот Штаб, одредот „Даме Груев“ да го раздели на Битолски одред („Гоце Делчев“), една група да замине кон крушевскиот одред „Питу Гули“ да се соедини и дејствува на теренот Прилеп-Крушево-Богомила, а јадрото од борци од ресенско да замине во Преспа-Охрид, да се прошири со нови борци и дејствува како самостоен одред на таа територија.
Така и станало. На 20 Мај 1943 година биле формирани штабовитена двата одреди во состав:
Битолски одред:

  • Коле Тодоровски- Канински- командант
  • Пандил Николовски- заменик командант
  • Петре Новачевски-полит. комесар
  • Блаже Трпеновски- заменик полит. комесар

Охридско-Преспански одред:

  • Мите Трпеновски-Војводата-командант
  • Науме Веслиевски-Овчаро-заменик командант
  • Јосиф Јосифовски-Свештаро- пол. комесар
  • Илија Спировски-Панде-заменик пол. комесар

22 Мај 1943 година
Формирање на Одредот „Гоце Делчев“

Двете партизански групи, т.е „Даме Груев“ и „Јане Сандански“ се нашле на едно место, т.е. меѓу селата Буф и Раково, во Егејска Македонија. Тука тие две групи се соединиле и го формирале одредот „Гоце Делчев“.Набрзо бил составен и план за акции. Одредот веднаш влегол во село Буф, каде откако разоружал осум грчки жандрми, одржал митинг. Потоа Одредот заминал за село Раково каде ги разоружале полицајците од помошната месна станица и одржале митинг сличен на оној во Буф.По овие акции, Одредот ја извршил и третата акција во село Арменско (и тукаодржал митинг), а потем се префрлиле во село Грсје каде разоружале една поголема контрачета.По митингот во Грсје одредот приредил успешна приредба во една гора меѓу селата Арменско и Грсје.
По овие акции Одредот „Гоце Делчев“ изработил план за натамошните акции сообразен со заедничките решенија донесени од југословенски и грчки партизански раководства на Мечка Планина.
Првобитото раководство на Одредот било:

  • Никола Тодоровски-Коле Канински-командант
  • Пандил Николовски-заменик командант
  • Петре Новачевски-пол. комесар
  • Блаже Трпеновски-зам. пол. комесар

Мај 1943 година
Мајската провала

Во мај 1943 година Партиската организација во Битола доживеала голем удар. Настанала провала што опфатила голем број на членови на КПЈ, СКОЈ и други симпатизери на Народната Револуција. Меѓутоа, провалата од месец мај, таканаречената „мајска провала“ како и претходната покажала дека провалите се сопатници на револуцијата, но дека мора да победи прогресивното. напоредно со провалата во Битола активно работел на средување на месното поверенство (бившиот МК-КПЈ-Битола) Обласниот Комитет на КПЈ-Битола.
Така мајската провала во извесна мера го спречила но не го запрела текот на револуционерните настани.


8 Јуни 1943 година
Убиството на Трајче Магловски

Скромниот ученик од село Смилево, Трајче Магловски- Маглата, вршејќи како и секогаш една тешка задача. т.е. да и укаже помош на избеганата затвореничка Лена Ташкова од бугарскиот иследен затвор, загинал на пат за село Лавци. Магловски бил убиен од предавничко лице кое му служело на окупаторската власт.
Трајче Христов-магловски-Маглата е роден од село Смилево на 4 Мај 1923 година.Блапсен, но имал солидно држење. При повторното апсење се обидел да избега. Меѓутоа еден домашен колаборационист му го одзел младиот живот на 8 Јуни 1943 година.


22 Јуни 1943 година
Јовчевски Стевов Панде-Кајзеро

Кајзеро е роден на 15 Јули 1923 година во селото Лавци. Произлегува од земјоделска фамилија, а и самиот бил земјоделец. Прогресивното движење го имало опфатено селото, па не го заобиколило и младиот Панде. Тој бил опфатен во воспитна група така што доста ано ја помагал НОБ. Во есента, 25 Ноември 1942 година, Панде се приклучил кон единиците на НОВЈ. Бил во партизанскиот одред „Даме Груев“ и четата „Јане Сандански“. Идејќи на територијата од своето родно село Лавци, Панде бил откриен од страна на бугарската фашистичка полиција која го обколила.Но бидејќи Панде не сакал да им падне жив в раце ја прифатил нерамната борба. Откако му свршила муницијата Панде со последната бомба се самоубил.Тоа станало на 22 Јуни 1943 година.


Јуни 1943 година
„Гоце Делшчев“ во Костурско и Леринско

После мошне успешната акција во Егејска Македонија, лерински о Костурско, Одредот „Гоце Делчев“ се ратил на југословенска територија. Во текот на јуни 1943 година Леринската партиска организација, како и житлите на село Герман, го замолиле одредот да ја разоружа контрачетата во Гермијан. Одредот безболно ја извршил задачата, т.е без борба ја разоружал четата. Тие сами се предале под услов да бидат врзани како би се оправдале пред своите господари,италијанските окупатори, зошто имало опасност од одмазда врз нивните семејства, а и самите нив.


Јуни 1943 година
Курирски канали, врски и врвици

Курирската должност одиграла голема улога во текот на Народната Револуција. Да се минат големи растојанија и да се пренесат важни вести, одлуки, наредби исл. низ територија окупирана од непријателски сили било своевремено голем подвиг. За познатиот битолски партизан Вангел Нечевски- Тунело (кој курирската дејност ја започнал во март 1943 година) најтешка и најдолга била врвицата што ја сврзувала партизанската база на Кожув со слободната тероторија околу Караорман. Таа врвица водела низ Галичица, Баба планина, Кајмакчалан. Неа ја минувал за седум ноќи или 14 ноќи во двата правци.
Поради големата одважост и искуство во јуни 1943 година, Тунело станал курир на Главниот Штаб ба НОВ и ПОМ.


Пролетта 1943 година
Формирање на Областен Комитет на КП за битолската област

Разгранетата дејност на КПЈ во Битола и битолско како и во цела Македонија ја наложила потребата од формирање на Областен комитет на КП за битолска област.Неговото раководно јадро-секретар Благој Талевски (рабоник), членови: Лазо Хаџипоповски-работник, Вера Оровчанец-работничка и Трајче Грујоски-студент, со мали прекини активно делувале како во Битола, така и во селата.


5 Јули 1943 година
Бегството на Лена Ташкова од битолскиот затвор

По затворањето на активистката од село Лавци Лена Ташкова измачувањето и не прекратило три дена. Следеле соочувања, заканувања и сл. Тогаш за да не продолжи колективното биење Лена решила да избега од затвор. Користејќи ја помошта на затвореникот Алексо Андреевски успеала божем да се чисти од вошки да влезе во соба чии прозорец немал решетки. Оттаму со помош на удвоен завој се спуштила, односно откако истиот се скинал, паднала на земја, а набрзо потоа била прибрана во една турска куќа кај анката Шефкие, а потем како анка со фереџе се упатила кон село Лавци.
Нејзиното успешно бекство било надолго и нашироко коментирано во Битола. Полицејскиот апарат уште еднаш бил исмеан и реално прикажан како немоќен, зошто бил окупаторски.


28 Јули 1943 година
Стевче Патако

Стевче Патако е роден на 4.I. 1921 година во Битола. Студирал на правниот факултет во Белград, а во окупацијата во Софија. Опфатен од марксистичките идеи Стевче станал член на КПЈ. Извесно време бил секретар на МК на СКОЈ. Во 1942 година бил осомничен и уапсен. Во затворот бил страшно измачуван, но Стевче пред бугарскатаполиција ништо не признал за својата илегална работа. Поради немање на конкретни докази бил ослободен. По кусо време во 1943 година бил интернирал во градот Кавала. Повторно бил спроведен во Битола. Штом стигнал во градот, Стевче рискирајќи да биде застрелан му избегал на стражарот-полицаец. Куќата каде живеел била поодамна под присмотра на полицијата. Истата била блокирана како и целиот квартал. За да не падне жив во рацете на полицијата Стевче Патако сам се самоубил.


Јули 1943 година
„Даме Груев“ во Дебарца и Малесија

Партизанскиот одред „Даме Груев“ кој во текот на јули 1943 година дејствувал на територијата на Горна и Долна Дебара и Малесија водел борба против фашистичките непријателски сили. Во борбите со непријателот Одредот успеал да го очисти теренот од нив. Исто така Одредот спровел мобилизација на нови борци со што народната војска бројно значително нараснала.


2 Август 1943 година
Преспанско советување

На слободната територија во Преспа на Илинден, 2 Август 1943 година, Цк на КПМ одржал советување на кое присуствувал и членот на ЦК на КПЈ и делегат на Врховниот Штаб Светозар Вукмановиќ - Темпо. На ова советување биле донесени историски решенија кои имале големо значење за натамошниот развиток на НОБ во Македонија. На советувањето било решено:

  • да се формираат регуларни воени единици кои би можеле да дејствуваат во пошироки размери и би воделе поголеми воени акции;
  • да се засили проширувањето на мрежата од НОО и истовремено да бидат вршени подготовки за свикување и конструирање на АСНОМ;
  • да се засилат работите на сите партиски комитети;
  • да се води политичката борба против сепарасистичките тенденции.

2 Август 1943 година
„Гоце Делчев“ извршува напад на село Курбиново

Практиката да се извршуваат вооружани акции во чест на годишнината на Илинденското востание продолжила и во 1943 година.Така Илинден 1943 година Битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“ , кој во ова време се наоѓал на територијата на Преспата каде и дејствувал, извршил напад на селото Курбиново. Откако партизаните влегле в село, оджале митинг на кого присуствувал доста насобран народ.


28 Август 1943 година
Формирање на првата поголема македонска воена единива „Мирче Ацев“

Набрзо по преспанското советување биле извршени некои негови одлуки. Имено, на 28.VIII.1943 година во реонот на II Оперативна зона на Славеј Планина била формирана првата поголема воена единица на НОВЈ, односно батаљонот „Мирче Ацев“. Во составот на овој батаљон влегле борците од партизанскиот одред „Даме Груев“ и новодојдените борци. Раководството го сочинувале следните лица:Науме Т. Веслиевски- Овчаро-командант, Стоилко Ивановски-Даскало-политички комесар, Мите Трповски-Војводата-заменик командан, Трајан Белев-Гоце- заменик политички комесар.


Август 1943 година
Формирање на Околискиот Комитет

Од создавањето на Обласниот комитет на КПЈ-Битола пројавил голема активност. Тој ги средил врските, илегалните станови, ја распоредил работата во Месното партиски раководство, „техниката“, омасовувањето на воените единици, партизанските келии, СКОЈ и тн. Тогаш, во август отпочнало создавањето на одделни околиски партиски комитети. Битолскиот околиски комитет го сочинувале:

  • Петре Нешковски-Пјер
  • Крстан Чулаковски-Кичо
  • Димче Милевски- Добри
  • Борис Алтипармак- Нервозниот.

Со членовите на Околискиот комитет за Битолско, извесно време работел Трајче Гријоски-Павле, член на бирото на Обласниот комитет.


Август 1943 година
Овадија Арон Естреја Нахмијас-Мара

Овадија Арон Естреја Нахмијас-Мара е родена во Битола 1922 година, во работничка фамилија. Уште во 1938 година Стреја е активен политички работник особено меѓу работичката младина. Таа своја актовност ја продолжила и во Белград каде била на работа од 1938 до 1941 година. Во текот на окупацијата се вратила во Битола, но сега веќе како член на СКОЈ.Во 1942 година била примена во КПЈ.
Во 1943 година Стреја се разболела прилично тешко, но и покрај тоа таа ја продолжила работата илегално. Иако болна, Стреја Нахмијас-Мара станала член на Одредот „Гоце Делчев“. Заедно со останатите борци од Одредот Мара зела живо учество во скоро сите борби што биле водени во вардарскиот и егејскиот дел на Македонија. Во тие борби Мара се истакнувала како инзвореден борец. Набрзо Мара била поставена за заменик политички комесар на чета во Третата македонска бригада. Кога била оформена Седмата бригада Мара била политички комесар во батаљон. Нејзиниот батаљон водел големи борби против бугарски војски на Кајмакчалан во кои загинала храбрата Овадија Арон Естреја-Мара.


9 Септември 1943 година
Ибраим Ќерим Фахри


Фахри Ибраим е роден во земјоделска фамилија 1922 година во село Нижополе. Основно образование завршил во родното село. Во 1936 година заминал во Албанија каде се запишал во техничко училиште, а потем заминал во Корча каде и останал се до 1943 година. Тој уште како ученик бил прогресивен, а во 1939 година станал член на КПЈ. Најмногу дејствувал револуционерно во Преспата (Љубојно, Крани, Грнчари), кга на 5 Мај 1943 година и се приклучил на НОВЈ. Во борбите бил мошне храбар борец. Но, на 9 септември 1943 година во едно судрување со непријателските сили меѓу Љубојно и Брајчино Фахри Ибраим загинал.


22 Септември 1943 година
Голем процес и пресуди на комунисти од II реон

Бугарската окупаторска админстрација на 22.IX.1943 година подготви голем судски процес на затворени комунисти од Втори реон. Фашистичкиот суд им удел на 30 обвинети лица. Пресудите биле следните:
Живко Костадиновски и Ристо Петревскибиле осудени на доживотен строг темничен затвор .
Сотир Џолгановски бил осуден на 20 годишен строг темничен затвор.
Апостоловски Сотир, Јанкуловски Алексо, Бистрчков Петре, Лулевски Насе и Петровски Крсте биле осудени на 15 години затвор.
Богдановски Доне, Бошевска Ката, Димитровски Јонче, Домазетовски Ѓорги, Кочовски Пандл, Пашовски Вангел, Переловски Цане, Попиљовски Иљо, Рибаровски Коста, Терзиевски Цветко и Черговски Живот биле осудени на 10 години темничен затвор.
Останатите затворени и обвинети биле ослободени, но повеќето од нив биле интернирани во еден логор што се наоѓал во близината на југословенско-грчката граница.


24 Септември 1943 година
Формирање на батаљонот „Страшо Пинџур“

Само еден месец минало како била формирана Првата регуларна воена единица во Македонија, односно батаљонот „Мирче Ацев“, а потоа бил формиран и друг батаљон. Тоа бил батаљонот „Страшо Пинџур“ формиран на 24.IX.1943 година на Кајмакчалан. „Страшо Пинџур“ бил составен од 3 чети со 250 борци од здружените одреди батаљонот „Гоце Делчев“ и другите два, т.е. „Добри Даскалов“ и „Сава Михајлов“. Во батаљонот особено жива политичка активност пројавил Никола Тодоровски-Канински.


27 Септември 1943 година
Акцијата при рудникот „Дудица“ на батаљонот „Страшо Пинџур“

Батаљонот „Страшо Пинџур“ во чии состав бил и битолскиот одред „Гоце Делчев“ набрзо по формирањето на 27.IX.1943 година го нападнал рудникот „Дудица“ кој се наоѓал во близината на Кожув планина, а бил експлоатиран од Германците.Во текот на борбата батаљонот заробил 10 германски и 2 бугарски полицајци додека запленил 2 митролези, 11 пушки и околу 1100 фишеци. Истовремено борците ги онеспособиле за работа сите машини, а воедно одршале и состанок со 70 работници.Откако им била објаснета борбата и елите на НОБ работниците доброволно се вклучиле во редовите на батаљонот.


Крајот на септември 1943 година
Напад на участокот „Лукар“

Прливот на нови борци во битолскиот „Страшо Пинџур“ во чиј состав влегол и битолскиот одред „Гоце Делчев“ побарувало и оружје за нив со какво батаљонот не располагал. Затоа било решено да се нападне участокот „Лукар“, Кавадаречко, во кого имало 35-40 бугарски фашистички војници, Борбата почнала со напад на „Лукар“. На неколкупати биле поканети војниците да се предадат зошто биле опколени од сите страни. Откако ја увиделе својата безизлезна положба војниците се предале на број 35. Неколку загинале во борбата. Партизаните не дале жртви. Биле запленети пушли, фишеци и друга муниција, а и прехранбени артикли.
Така партизаните се здобиле со оружје, а морално се издигнале затоа што окупаторските војници по некој ден ги ослободиле. Така пропагандата што зборувала за разбојништвата на партизаните пропаднала.


Септември 1943 година
Трајковски Ангелев Методија

Методија е роден 1905 година во Битола, а по занимање бил шивач.Уште во времето на стара Југославија бил напредно ориентиран. Методија заедно со своето семејство во текот на окупацијта активно учествувал во помогнувањето на НОБ уште од нејзиниот почеток, т.е од 1941 година. Бил вешт илегалец, а во април 1942 година се приклучил кон ПОЈ. Како борец на албанско-преспанскиот одре бил храбар и ладнокрвен. Во една борба со германските сили при нападот на село Љубојно, Методија загинал.


Септември 1943 година
Формирање на првиот орган на народната власт во Битола

Востанието во 1943 година зафатило големи размери. Тогаш во Битола биле преземани чекори за создавање на Народноослободителен одбор кој требало да раководи со сите неопходни работи, освен воените.Така во Битола во септември 1943 година бл формиран првиот НОО (првобитно наречен НО Комитет) во куќата на улица „Стив Наумов“ бр. 34. Првобитниот состав на Народноослободителниот одбор-Битола бил од следните лица: Др Димитар Несторов-лекар, Димитровски Томе-правник, Манговски Перо-правник и Стрезовски Сашо-правник.
Народноослободителниот одбор-Битола собирал илегално финансиска помош и други средства од граѓанството и се подготвувал и формално да ја земе власта во свои раце.


Септември 1943 година
Формирање на месно партиско поверенство

Поради провалите добар дел од раководителите на Партијата биле поапсени. Поради тоа за извесно време и во текот на 1943 година дејноста на Партијата била ослабена. По вложените усилби и подготовки во месец септември било формирано месно партиско поверенство -Битола во кое влегле:

  • Секретар-Димитар Трпчевски
  • Јовановски Јани
  • Тодоровски Томе-Каменко

Месното партиско поверенство за релативно кусо време формирале 6-7 партиски келии, биле нгажирани лица кои требале да оформат НОК (НОО), нови скоевски организации, станови за илегалци, активирање на младината и сл.


26 Октомври 1943 година
Наневски Крстев Алексо

Алексо е роден на 15.III.1914 година во село Доленци-Битолско. Бил земјоделец, но уште рано и припаѓал на прогресивната младина во селото. Тој заедно со својата фамилија, а посебно браќата Трајан и Атанас мошне брзо се вклучиле во НОБ со која раководела Партијата. Алексо како член на КПЈ редовно одржувал врски со реонскиот секретар Трајан Белев-Гоце од Ѓавато и другите членови на КПЈ од соседните села. Исто така одржувал врски и со одредот „Даме Груев“ кога се наоѓал во близината на селото. По акцијата на село Кажани (18.XIII.1942 година) и настанатата провала Наневски како и многуте други членови на КПЈ и СКОЈ од Реонот биле уапсени и извадени пред суд. Алексо бил осуден на доживотен затвор, но поради тешките физички малтретирања во скопскиот атвор подлегнал и починал на 29.X.1943 година.


Октомври 1943 година
Важна одлука на Месното партиско поверенство

Во станот на Ката Додева Тодоровска во октомври бил одржан состанок на Месното партиско поверенство кој траел цела ноќ. На состанокот присуствувал членот на Обласниот комитет на КПЈ-Битола Лазо Хаџи Поповски-Јорго, а исто така и Вера Оровчанец--Лена.
По изнесената положба во градот и долгата дискусија биле донесени и повеќе заклучоци меѓу кои поважни биле следните:

  • членовите на Месното партиско поверенство да дејствуваат по сектори и раководат поодделн по партиските келии во градот;
  • да се настојува максимално активирање на НОК и НОФ;
  • да се продолжи со омасувањето на партискте келии;
  • да се воспостави врска со партиската организација во другите градови;
  • да се изнаоѓаат нови борци за НОВ и ПОЈ;
  • да се прибира „Црвена помош“ и тн.

Набрзо по состанокот резултатите не изостанле. Биле воспоставувани врски со Скопје, Прилеп,Крушево, Ресен, а и другите задачи биле постапно реализирани. Така кон крајот на 1943 година Партиската организација во Битола била целосно консолидирана.


8 Ноември 1943 година
Трајан Белев-Гоце

Трајан е роден во село Ѓавато, во 1903 година.Трајан уште од рано детство бил принуден да работи за издржување на фамилијата. Кога имал 18 години, заминал на печалба во Франција,а потоа и во САД. Трајан Белев бил редовен на сите митинзи каде се манифестирала солидарноста со Советскиот Сојуз. Трајан сакал илегално да замине за Советскиот Сојуз, меѓутоа бил откриен и како непожелен протеран од САД.
Белев не само во Ѓавато туку и во соседните села агитирал против профашистичкиот режим на Стојадиновиќ. За време на окупацијата станал и секретар на Реонскиот комитет на Први реон, потоа и илегалец но во реонот секаде се чувствувало неговото присуство. Активноста на Трајан го истакнала до тоа да биде член на Оперативниот штаб на Втората Оперативна зона и комесар по снабдување. По формирањето на батаљонот „Мирче Ацев“, Белев ја имал должноста заменик комесар на батаљонот.Во една од многубројните акции Трајан Белев-Гоце загинал на 8 Ноември 1943 година.


11 Ноември 1943 година
Формирање на батаљонот „Стеван Наумов-Стив“

Во врска со меѓународната ситуација која давала можност за се поголемо активирање на поробените против фашизмот. Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија на 11 Ноември 1943 година ја донел одлуката за формирање на батаљонот „Стив Наумов“.Батаљонот бил составен од преостанатите делови на одредот што делувале во Преспата, т.е. „Гоце Делчев“ и „Даме Груев“.
Раководството на батаљонот било во следниот состав:

  • Заменик командант- Васко Каранѓелевски (ја вршел и функцијата на командант)
  • Политички комесар-Горе Велковски-Косте
  • Заменик комесар-Илија Спировски-Панде.

11 Ноември 1943 година
Формирање на првата Македонско-Косовска бригада во чии состав имало и борци од Битолско

Како резултат на големиот прилив на борци и прекаленост на батаљоните во ред борби против сите видови на окупатори (Германци, Бугари, Албанци, балисти и сл.) , уследило и организиранто јакнење на воените единици. Така на 11.XI.1943 година во селото Сливово-Дебарца, четири батаљони (два младински и два косовски) влегле во составот на Првата македонска-косовска дарна бригада која во името на Врховниот штаб ја формира и поздрави Светозар Вукмановиќ-Темпо.
За многуте борби, за ширењето и јакнењето на братството и единството меѓу југословенските народи бригадата беше прогласена за пролетерска и одликувана со ордените : „Братство и единство“ I ред и „Заслуги за народ“ I ред.
Во првата македонско-косовска бригада имало и доста битолчани, односно борци од Битолско.


22 Декември 1943 година
Први конгрес на антифашистичката младина на Македонија

Во село Фуштани на 22.XII.1943 година заседавале 288 делегати од цела Македонија на Првиот конгрес на антифашистичката младина на Македонија.
Конгресот воодушевено го поздравил создавањето на нова демократска и федеративна Југославија и АВНОЈ. На конгресот делегатите го осудиле Ванчо Михајлов и неговата група. Одушевено било создавањето на независна Македонија, а вооедно ја прифатиле заедничката борба против општиот непријател-фашизмот. Истовремено на конгресот бил формиран народноослоботилен младински сојуз на Македонија-НОМСМ со Главен одбор во кого влегле од Битола: Лилјана Чаловска и Жамила Колономос, а од битолско: Фана Јованчевска-Кочовска од Лавци и Бошко Становски од село Брусник.
На конгресот битолските делегати не можеле да пристинат, но сепак делегати Битолчани имало.Тоа биле делегирани младинци од воените единици. Такви биле: Лилјана Чаловска, Жамила Колономос, Фана Кочовска, Дојчин Апчевски, Олга Димова и Бошко Становски.


Крајот на 1943 година
Фараџи В. Леон

Роден е во 1921 година. Бил ученик во Битолската гимназија. Во 1942 година станал член на СКОЈ и активно ги помагал партизанските движења во Битолско.
Депортацијата Леон успеал да ја избегне сокривајќи се, а во крајот на 1943 година пребегнал во Грција и бил стрелан од тамошната колаборационистичка полиција.


1943 година
Исак Сарфати

Исак Сарфати е роден 1920 година во Битола. По занимање бил работник и активен член на УРС-овите синдикати. Пред 1941 година станал член на КПЈ, а во 1941 година член на МК. Сарфати организирал пододбор за народна помош меѓу еврејското население. Во пододборот влегувале адвокатите Леон Ишах и Перец Русо, а исто и Дарио Ароести, Леон Франко и Морис Шами. Серфати извесно време бил во илегалство (1942 година), но поради неговата револуционерна работа бил осуден на смрт во отсуство. Подоцна минал во Грција каде како партизан бил фатен од Германците и убиен во 1943 година.


1943 година
Саит Аслан Наим

Наим е роден во 1908 година во село Кажани. По занимање бил колар, а во време на окупацијата одржувал врски со прогресивните сили и активно ја помагал Народната револуција. Во познатата акција на Одредот „Даме Груев“ 1942 година на подучастокот во село Кажани, Наим дал свој скромен допринос. Во 1943 година и пристапил на единиците на НОВЈ. Наскоро бил заробен, а фашистичките бугарска полиција по физичкото и психичкото измачување го стрелала во селато Штрбово-Преспа.

-- DDDesign 2005 --